Нова инвестиција од автомобилската индустрија
Најавена нова инвестиција во Охрид. Покрај „ОДВ Електрик“, за еден месец се очекува официјализирање на инвестиција на уште една странска компанија која се занимава со производство на делови за автомобили. Се очекува и рестартирање на целокупното производство на „ЕМО“, за што во моментот се преговара, најавени се и неколку инвестиции во туризмот.

За најмногу еден месец официјално ќе биде објавена уште една инвестиција во Охрид. Се работи за странска компанија која се занимава со производство на делови за автомобилската индустрија, која што планира во наредните две до три години да вработи 800 лица. Но листата на заинтересирани инвеститори не завршува тука.
„Исто така во овој момент се преговара со уште две компании, од две различни држави. Една од соседството и една од ЕУ, кои се заинтересираниза рестартирање на целокупното производство на ЕМО. Во овој момент се водат преговори и не би можел да дадам конкретни податоци кога овие преговори ќе завршат“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Со цел да им се олесни пристапот на странските инвеститори локалната самоуправа во соработка со Работничкиот универзитет ќе го реализира проектот за преквалификација и доквалификација на одредени струки и занимања.
„Ние веќе стапивме во контакт со оние компании кои што веќе одлучија да инвестираат во Охрид, а и со оние кои што од средбите кај градоначалникот се најавени како потенцијални инвеститори. Побаравме од нив список, листа на занимања и струки кои што им се потребни“, рече Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР, општина Охрид.
Охридскиот градоначалник најави големи инвестиции и во хотелско-угостителскиот сектор.
Сашо Нелоски
