Само најхрабрите се движат во близината на хотелот „Супер осум“

10.10.2014 17:18

Сепак не е дека не постои вознемиреност. Можниот случај на „ебола“ во земјава и тоа на британски државјанин ги мобилизира новинарските екипи и од другите држави...

Пред „Супер осум“ раздвижено е, ама се има впечаток како само најхрабрите да се гости во кафулињата во негова непосредна близина.

Сакавме да прашаме какво е чувството да знаете дека сте гостеле човек кој можеби починал од смртоносната болест, ама ретко кој сакаше да зборува за тоа. Ниту во кафулињата, ниту тие што ги напуштаа.

Британецот бил муштерија кого го познаваат речиси сите таксисти кои чекаат повик близу хотелот. Ни кажаа дека не се плашат.

„Не не се плашиме, инаку алкохоличар беше.“

„Една година е веќе тука, не се сомневам во ништо. Тој пиеше нон стоп“, велат анкетираните таксисти.

Сепак не е дека не постои вознемиреност. Можниот случај на „ебола“ во земјава и тоа на британски државјанин ги мобилизира новинарските екипи и од другите држави. Па како колеги по занаетот ја испитавме љубопитоноста на еден од нив. Британскиот новинар што известуваше во живо Алекс Аоси ни пренесе дека британската влада е загрижена за состојбата, но дека тој не очекувал да известува токму од овој крај на светот.

„Не се ни надевав дека ќе известувам од ова место, а најмалку за случај за ебола. Се уште не се знае дали починатиот британец бил заразен со вирусот, но доколку се утврди дека е така, ова би бил прв случај на починат британец од ебола.  Се уште не е потврдено дали се работи за вирусот, но и да се испостави дека е така, не може да биде опасно како во Африка, но во прашање е јавното здравје“, вели Алекс Аоси, новинар.

Во хотелот гостите кои се затекнале кога Британецот починал останаа заробени во карантин, единствено надвор од хотелот на паркингот стојат сеуште автомобилите на дел од нив, од Бугарија  и Турција.

Фиљана Кока