Петар Иваноски – Тиквар одликуван со Орден за заслуги за Македонија
Претседателот Ѓорѓе Иванов му го врачи орденот за заслуги на единствениот жив учесник на АСНОМ. Ивановски се присети на миговите кога пред 70 години со соборците на Прохор Пчињски ги удрија темелите на македонската слобода...

Животната приказна на Петар Иваноски –Тиквар е како животот на Македонија. Од ропство до слобода, до независност и признавање. Тој го претставува слободарскиот дух на народноослободителната борба. Со овие зборови претседателот Ѓорѓе Иванов му го врачи орденот за заслуги на единствениот жив учесник на АСНОМ. Ивановски се присети на миговите кога пред 70 години со соборците на Прохор Пчињски ги удрија темелите на македонската слобода.
„Сите очекувавме дека Панко Брашнаров сериозно ќе го отоври Собранието и ќе зборува за тешките и мачни одлуки кои треба да се донесат. Но, тој имаше визија за Македонија и ни кажуваше каква ќе биде во иднина. На тој начин помогна полесно да се усвојат решенијата кои беа приготвени за да го добиеме тоа што другите го имаа, а ние го немавме – државноста", рече Иваноски - Тиквар.
Денес кога имаме сопствена држава во која сме свои на своето, тоа го правиме поради асном, рече претседателот Ѓорѓе Иванов. Денес кога слободно и без страв зборуваме, пишуваме и твориме на македонски јазик тоа го правиме благодарејќи на асномците кои ги обединуваше стремежот за слобода на Македонија.
„Седум децении по историскиот АСНОМ пред еден од учесниците се потсетуваме на најважното - дека како тогаш така и денес потребно е единство. АСНОМ не потсетува кога се во прашање националните интереси и стратегиските цели, треба да бидеме сложни и единствени онака како што беа сложни и единствени асномците', рече претседателот Иванов.
Петар Ивановски – Тиквар има долг револуционерен стаж . Во 41 – та се вклучива во втората светска војна, после една година станува политички затвореник. Бегајќи од оковите по три дена и три ноќи на 2 август стигнува на Прхор Пчински. Ние можеме само да претпоставиме како изгледало првото заседание на АСНОМ, а Петар Иваноски – Тиквар тој миг го живее и денес.
Викторија Тодоровска
