Бесплатно спортување за децата
Сите деца од семејствата приматели на социјална парична помош, децата без родители и родителска грижа, како и децата корисници на посебен и детски додаток ќе имаат можност бесплатно да спортуваат во клубовите кои се членки на овие федерации. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов потпиша Меморандум за соработка со претставниците на Македонската кошаркарска федерација, Федерацијата на боречки спортови на Македонија и Карате федерацијата на Македонија.

Фудбал, карате, кошарка-дел од спортовите преку кои ќе им се овозможи на овие деца да можат бесплатно да тренираат. Им се дава шанса да успеаат на сите оние кои имаат талент, сакаат да напредуваат и да го дадат својот максимум во тренинг натпревари и градење на спортската кариера. Спасов изрази надеж дека на оваа иницијатива ќе одговорат сите федерации во Македонија со цел да им се даде поддршка на што е можно поголем број деца од семејствата во социјален ризик.
„Со вој проект кој го започнавме со спортските федерации во Република Македонија на некој начин сакаме да им дадеме поголема можност за бесплатен тренинг на децата од овие категории на граѓани, како и реализација на други проекти. Ќе дојде зимскиот распод кога продолжуваме со проектот за бесплатен зимски одмор за децата од семејствата со социјален ризик“, рече Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
За да можат да обезбедат бесплатни тренинзи, треба да земат потврда од центрите за социјална работа дека спаѓаат во одредена категорија наведена во самиот Меморандум. Претходно ваков Меморандум потпишаа и Фудбалската и Пливачката федерација на Македонија.
Александра Перевска
