Македонската економија најдобра во регионот
Економијата во Македонија оди во добра насока и успешно се справува со предизвиците на состојбите во Европа. Оценките на македонските претставници на есенскиот состанок во Вашингтон, министерот за финансии Зоран Ставрески и на Гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, се речиси идентични со видувањата и проекциите на експертите од Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.

Европската економија не е во најдобра кондиција, но Македонија добро се справува со предизвиците на состојбите во Европа и со остварените стапки на економски раст можеме да бидеме задоволни дека одиме во добра насока, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески по средбите со експертите на есенскиот состанок на двете најголеми финансиски институции во Вашингтон.
„И по оценките на ММФ и по оценките на Светска банка, македонската економија е оценета како најдобра во регионот со највисок раст и годинава и за следната година. И тоа охрабрува бидејќи покажува дека политиките се добро поставени, пред се тоа се однесува на политиката на привлекување на странски инвестиции и користење на тие инвестиции за креирање на нови работни места и за зголемување на извозот на стоки од Република Македонија кон Европа и кон светот. И второ, и советот на овие институции кон сите земји е таму кадешто има простор, а Македонија е таква земја, со буџетот со буџетската политика да се поддржат капитални инвестиции што ќе креираат на краток рок повисока економска активност, а на долг рок ќе овозможат да се зголеми конкурентноста на економијата преку изградбата на патиштата, како што ние го правиме во земјата, со изградбата на трите нови автопати, на пругата кон Бугарија, енергетски проекти, и комунални проекти и друга инфраструктура“, рече Зоран Ставрески, министер за финансии.
Она што доминира е како да се креираат нови работни места и повисок економски раст во целиот свет, особено во Европа. Се препорачува повеќе инвестиции во инфраструктурата, токму она што ние веќе го преземаме, велат министерот за финансии и Гувернерот на Народната банка на Република Македонија.
„Пријатно беше да се слушне дека македонската економија има здрави фундаменти, дека треба да продолжиме во таа насока. Структурните реформи се нешто што постојано мора да се спроведува, секако да биде внимателен и да се води сметка за евентуално излегување на економијата од некаква нерамнотежа, да се реагира навреме и повторно економијата да се стабилизира на онаа патека на којашто одиме последниве години“, рече Димитар Богов, гувернер на НБРМ.
Видувањата на ММФ и Светска банка за македонската економија се многу слични на нашите видувања, нивните проекции се блиску до нашите проекции, а мислењата на експертите од двете финансиски институции ќе ни користат при креирањето на идните економски политики, изјавија Ставрески и Богов по средбите во ММФ и во Светска банка.
Светска банка веќе одобри кредит од 52 милиони евра за финансирање на инфраструктурни проекти во Македонија, а на почетокот на јануари ќе одобри дополнителни 105 милиони евра.
Ирина Гелевска
