Без Ибраими и Демири против Украина
Луксембург и драматичната победа во бурен меч е веќе минато за нашата сениорска фудбалска селекција. Останува самодовербата и пријатното чувство да ги води избраниците на Бошко Ѓуровски до успех и во следниот предизвик Украина.

Луксембург и драматичната победа во бурен меч е веќе минато за нашата сениорска фудбалска селекција. Останува самодовербата и пријатното чувство да ги води избраниците на Бошко Ѓуровски до успех и во следниот предизвик Украина.
Во Лвов, и вториот ден од престојот пред утрешниот трет квалификациски дуел за Европското првенство минува главно со акумулирање енергија, анализи и подготовка за дуелот со фаворизираниот домаќин. Украинците ја посакуваат првата победа пред своја публика, откако ја разочараа со стартниот пораз од Словачка и фаќање приклучок во трката за првите две места во групата.
Македонија на крилјата на единаесетиот триумф во педесетиот настап во европските квалификации, влегува во овој меч. Штета што на повредениот Ибраими му се прикличи Демири кој одигра одлично со Луксембург, зашто токму против Украина ни беа потребни искусни и проверени играчи.
Тука главно ќе треба да се фокусира нашиот селектор во ковањето на стратегијата за цврстиот противник кој со победата во Белорусија најави дека ја добива потребната физиономија на тимот. Местото на Ибраими во нападот најверојатно ќе го пополни Абдурахими кој се наметна со прекрасниот победоносен гол и со залагањето во четвртокот.
Останува дилемата за невралгичното место во дефанзивниот среден ред каде што дејствуваше Демири во тандем со Адеми. Ѓуровски дополнително од Работнички ги повика Стојков и Силјановски, но замената за Демири најверојатно ќе ја бара помеѓу Глигоров и Спировски или во евентуална прекоманда на Муарем подефанзивно. Против Украина голема одговорност и товар ќе падне на одбрамбениот ред во кој не би требало да има измени, но ќе мора да биде покоординиран и посигурен.
Во Украина македонската фудбалска репрезентација дојде со позитивен биланс во досегашните две пријателски средби на кои имаше само еден гол. Нерешено во Киев и победа во Скопје пред 11 години со голот на Ставревски. Посакуваме да продолжи традицијата, зашто имаме малку гостински триумфи во досегашните пет европски квалификациски циклуси и 25 гостувања..Две против Андора, и по една со Малта и Естонија.
