Охрид добива четири луксузни хотели
На охридското крајбрежје ќе никнат четири луксузни хотели. Со новите објекти ќе се ќе се збогати туристичката понуда, но, и ќе заживее целокупната локална економија...

Инвеститорот „Дивелоп груп“ на 7 000 метри квадратни ќе гради луксузен хотел на јужната страна кај месноста Горица. Објектот ќе располага со 100 двокреветни соби. Во близина на спортскиот центар во Охрид во тек е градба на хотел од висока категорија, а веќе е објавен тендер за продажба на земјиштето кај поранешната детска болница, каде што ќе се изгради уште еден луксузен хотел. Супер луксузен хотел до каналот Студенчишта ќе гради и компанијата „Фибула“,која чека да заврши процедурата за одобрение за градба.
„Имаат сериозни намери да почнат со изградба на хотел од висока категорија, кој што ќе биде со многу поголем капацитет, со површина од 25 000 метри квадратни и 400 соби, односно околу 1 000 легла“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Изградбата на хотелските капацитети ќе биде силен импулс не само за развој на туризмот,туку и на целата локална економија.
„Штом некој инвестира во туризмот, покажува дека оваа туристичка дестинација има перспективи и во иднина. Тоа значи дека туризмот во Охрид ќе го повлече развојот на другите гранки и секако вработувањето, кое е горлив проблем“, рече проф. д-р Сашо Коруноски, декан на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид.
Недостигот од луксузни хотели според туроператорите досега беше најголемата слабост на охридската туристичка понуда.Сега може да се очекува да има промена на структурата на гостите.Во Охрид покрај туристите од средната класа ќе доаѓаат и толку очекуваните елитни гости,кои досега ретко можеа да се видат во македонскиот туристички бисер.
Сашо Нелоски
