Нема ебола во Македонија!

11.10.2014 18:37

Познатиот британски бизнисмен не починал од ебола – покажаа резултатите кои се анализираа во лабораторија во Хамбург. Прекинат е карантинот и во хотелот и на Инфективната клиника...

Познатиот британски бизнисмен не починал од ебола – покажаа резултатите кои се анализираа во лабораторија во Хамбург. Прекинат е карантинот и во хотелот и на Инфективната клиника. Телото на починатиот Британец е подготвено за аутопсија- ќе се докажува причината за неговата смрт.  Ова е многу значајно да се дознае затоа што починал за многу краток период откако бил хоспитализиран.

„Како што одминуваше времето се повеќе бевме убедени дека не станува збор за ебола, во секој случај бевме обврзани да постапуваме по сите светски протоколи кои се однесуваат на ова сериозно, опасно и инфективно заболување. Секој друг начин на постапување во ваква ситуација е многу опасна импровизација која што не смее да си ја дозволи ниту еден здравствен систем во светот“, рече д-р Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство.

Не се исклучува можноста дека починатиот британски бизнисмен починал од друга инфективна болест, но, таа не спаѓа во групата на карантински заболувања.

„Секако дека инфектвната патологија не завршува со детекција и пребарување по однос на ебола. Пребарувањата по однос на иницијалниот индуктор на овој клинички синдром на причинители на ова заболување се и понатака предмет на натамошни испитувања“, д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Над 60 здравствени работници и неколку институции беа вклучени во справување со евентуалните ризици од еболата. Тимот реагираше според стандардите и препораките на светската здравствена организација. Ги примени сите потребни заштитни мерки за спречување на евентуалното ширење на смрттоносниот вирус.

Андријана Атанасовска