Извршено порибување со 560.000 парчиња подмладок на Охридската пастрмка
На покана на Директорот на Државниот инспекторат за рибарство и аквакултура од Република Албанија г. Армант Телхари на ден 09.10.2014г. претставници на Државниот инспекторат за земјоделство на Република Македонија предводени од Директорот Д-р. Румен Стаменов беа во работна посета на мрестилиштето за производство на подмладок од охридска пастрмка наменет за порибување на Охридското Езеро во с.Лин, Република Албанија, каде беше извршено порибување на 560.000 подмладок на Охридска пастрмка.

Само со усогласување на Законските одредби помеѓу Македонија и Албанија може да се дојде до посакуваните резултати, кога станува збор за Охридската пастрмка. Доколку овие одредби би се реализирале, тогаш ќе се усогласат времето на ловот, забраната и сите подзаконски акти кои го регулираат риболовот на Охридското Езеро.
„Менаџирањето би опфатило како со порибувањето на езерото, количините со кои се порибува, квалитетниот подмладок така и менаџирањето околу заштита, изедначувањето на периодите на забрана на лов и сето тоа би го изедначиле на една заедничка средба на експерти која би била од двете страни“, рече Армант Телхари, Директор на Државниот инспекторат за рибарство на Албанија.
Оваа соработка претставува чекор напред во зачувувањето на Охридската пастрмка, поготово сега кога и двете страни ќе бидат вклучени во овој процес.
„Без двете страни, без добра воља, без усогласени и синхронизирани процедури нема да имаме добра заштита на езерото“, рече Румен Стаменов, Директор на Државниот инспекторат за земјоделство на Р.Македонија.
Со ова се заокружи порибувањето на Охридското Езеро со подмладок од охридска пастрмка во 2014 година од страна на двете држави со нивните мрестилишта во Струга, Охрид и Лин, Албанија. Во 2014 година македонскиот дел од Охридското Езеро е порибено со 2.175.000 парчиња на подмладок од охридска пастрмка, додека албанскиот дел е порибен со 560.000 парчиња.
Јованчо Наумоски
