Прилеп

Започна ултра планинската трка „Крали Марко“

12.10.2014 16:20

Во Прилеп започна 4-тата по ред ултра планинска трка „Крали Марко“ на која учествуваат над 200 учесници од повеќе земји. Маратонците до крајот на денот треба да поминат 64 км. низ доста тежок планински терен.

Фантастични 64 км. низ екстремно тежок планински терен. Толку треба да истрчаат за помалку од 10 часа учесниците на 4-тата по ред планинска трка „Крали Марко“ која денес се одржува во Прилеп. Имаше над 200 учесници од 12 држави. Маратонците стартуваа од населбата Варош кај Прилеп.

„За трката се подготвува 2 месеци, пливав, трчав, возев велосипед“, истакна Михаил Стефанов, учесник од Македонија.

„Јас сум прв пат тука на оваа трка и мислам дека воопшто нема да биде лесна“, Моазес Остер, учесник од Турција.

„Потребно е добро да се подготвиш, да ја знаеш рутата, исто така треба да носиш со себе и вода, и малку храна“, вели Аида Отмен, учесник од Дубаи.

Иако можеби за сите нас трчање низ планина 64 км. изгледа недостижно дел од учесниците трчале и на подолги трки.

„Ќе биде доста тешка трка, теренот е многу стрмен, но сепак ова е една средна трка, затоа што ние трчаме и по 100 км. низ планини“, вели Берн Калиновски, учесник од Германија.

Маратонците од прилеп треба се искачуваа на Трескавец, од каде слегуваат кај вештачкото езеро, па потоа се искачуваат на највисокиот врв Козјак, и потоа назад по истиот пат до Прилеп.

Учесниците велат дека за ваквите екстремни трки освен физичката, еден од најбитните фактори е и психичката подготвеност.

„Се завршува и започнува во твојот ум, потребен е тренинг, но треба да се охрабриш себеси дека ти тоа го можеш“, рече Махмуд Јонус, учесник од Турција.

Оваа трка од година во година станува се поатрактивна и на неа доаѓаат учесници од сите континенти.

„Подолгата трка носи 2 поени во светска конкуренција за Меѓународната асоцијација на тркачи, значи доста добро котираме“, изјави Трајче Панковски, организатор на трката.

Според плановите трката треба да заврши вечерва околу 21 часот.

 Дарко Штаргоски