Поголема соработка меѓу полицијата и стопанствениците во намалувањето на крвичните дела
Охридската полиција и стопанствениците се договорија да ја зголемат меѓусебната комуникација со цел да се намалат кражбите и другите кривични дела. Стопанствениците побараа позачестени полициски патроли,а полицијата нивно поактивно учество во откривањето на сторителите на казнените дела.

Казнените дела од имотните деликти се најчест вид на криминал на територијата на општина Охрид.Иако полицијата има висок процент на реализација на овие кривични дела, сепак од бизнисмените е побарано меѓусебната комуникација да биде подигната на повисоко ниво, односно тие да имаат поактивна улога во откривањето на сторителите.
„И покрај еден значителен број на казнени дела, од кои дел се тешки, кои се случуваа во златари,менувачници и во други трговски објекти, сепак дел од претставниците на бизнис секторот во градот немаат безбедносни камери во своите објекти. Тоа секако го усложнува процесот на пронаоѓање на сторителите“, рече Стефан Димоски, портпарол на СВР-Охрид.
Бизнисмените од своја страна побараа позачестени полициски контроли,што е прифатено,но и други видови активности од полицијата.
„Треба во полицијата да се вклучат повеќе психолози, кои ќе им помогнат на луѓето кои нездраво размислуваат, на тие што потегнале по криминал, по кражби. Тоа не се здрави луѓе, тие секако се болни, психички болни“, рече Боро Нечкоски, бизнисмен.
Меѓусебната комуникација во секој сегмент треба да вроди со плод, бидеќи она што за бизнисмените не е значајно, за професионалците може да претставува клучен елемент во составувањето на мозаикот, односно откривање на сторителите на кривичните дела.
Сашо Нелоски
