Обама на удар на жестоки критики за неефикасноста на воздушните напади врз ИД

12.10.2014 16:40

Американскиот Претседател се повеќе е на удар на критики за неефикасноста на воздушните напади врз џихадистите на исламската држава. Белата куќа повеќе е фокусирана на спречување на ширењето на еболата на американско тло, отколку на поддршка на демократските кандидати за избор во Конгресот и Сенатот.

Американските воздушни напади продолжуваат, но барем засега силите на Исламската држава на Ирак и Левант немаат големи загуби. Пентагон на барање од ирачките власти, изврши достава на оружје за ирачките безбедносни сили. Пензионирани американски генерали предупредуваат дека само со воздушни напади не може да се поразат исламистите, дека потребни се и копнени сили за поддршката на воздушните напади. Сепак американските генерали сметаат дека не треба да се испратат американски војници, туку војници од сојузниците, пред се Турција.

На последниот брифинг во Пентагон, американскиот Претседател Барак Обама ги ислушал рапортите за воздушните напади, но повеќе се интересирал за операцијата на маринците во Западна Африка, коишто градат болници за заболените од ебола. Американските генерали го обвинуваат Обама дека како и секогаш знае да сослуша, но ниту еднаш во својот мандат не ги послушал воените команданти. Да не беше избрзана одлуката за повлекување од Ирак, можеби немаше да се појават џихадистите на Исламската држава, обвинуваат некои од американските генерали. Се чини Белата куќа е повеќе фокусирана на пречување на појава на нови случаи на ебола на американско тло, па нареди засилено скенирање со термални детектори на патниците на аеродромот Кенеди во Њујорк, а следната недела оваа мерка ќе започне да се применува и на аеродромите Далес во Вашингтон, О-Хара во Чикаго, Њуварк во Њу Џерси и Хартфилд-Џексон во Атланта.

Според податоците на американскиот Центар за контрола на зарази, секојдневно околу 150 патници од погодените држави со ебола во Западна Африка пристигнуваат на американските аеродроми со авионски компании од Мароко, Белгија и Франција. Засега нема откриено нов случај на заболен од ебола. Популарноста на американскиот Претседател падна на 28% а за време на изборната кампања за Конгресот и Сенатот, демократските кандидати не сакаат поддршка од Обама за да не изгубат гласачи.

Белата куќа ја тресе нов скандал, дека непосредно пред претседателските избори во 2012-та советници на Обама ја затаиле информацијата за скандалот со агентите на тајната служба со проститутки во Картагена Колумбија, да не влијае на исходот на изборите, на кои Обама го освои вториот мандат. Дваесетина агенти биле отпуштени од работа по скандалот, но тогашниот нивен шеф Џо Кленси сега токму од Обама е назначен за нов привремен директор на тајната служба. Непопуларноста на американскиот Претседател може да ги чини демократите мнозинството во Сенатот и места во Конгресот, на изборите закажани на 4-ти ноември. Дури и ако демократите го изгубат Сенатот, Обама планира веднаш по изборите да потпише извршна наредба со која ќе ја спроведе реформата на законите за имиграција и ќе им даде легален престој на над 11 милиони илегалци во Америка.

За Македонската телевизија од Вашингтон, Ирина Гелевска.