СЗО: 4.033 лица починале од вирусот ебола

12.10.2014 16:45

Најпогодени држави од болеста се Либерија, каде има 2.316 починати, Сиера Леоне има 930, а Гвинеја, 778 лица...

За половина година, три вакцини против вирусот ебола ќе може да испорача Русија, најави министер за здравство Вероника Скворцова.

„Создадовме три вакцини и сметаме дека тие ќе бидат готови во рамки на наредните шест месеци, Вероника Скворцова, министер за здравство на Русија.

Според податоците од Светската здравствена организација 4.033 лица починале од вирусот ебола. Најпогодени држави од болеста се Либерија, каде има  2.316 починати, Сиера Леоне има 930,  а Гвинеја, 778 лица.

Деветмина починале во други држави, вклучувајќи ги САД, Шпанија, Сенегал и Нигерија. Светската здравствена организација соопшти дека има 8.399 сомнителни или потврдени случаи на заболени од ебола. Три лица во Мали се подложени на експериментална вакцина.

Специјалниот претставник на Обединетите нации Дејвид Набаро изрази надеж дека епидемијата на ебола може да била ставена под контрола во наредните три месеци.

„Мислам дека сега јавноста многу подобро го разбира проблемот, што ме насочува да верувам дека ставањето на болеста под контрола во наредните три месеци е сосема разбирливо. Доколку е тоа така бројот на новозаболени секоја недела ќе опаѓа, до степен кога нема да има заразени“, рече Дејвид Набаро, специјален претставник на ООН.

Чешката полиција синоќа затворила дел од главната железничка станица во Прага. Пронашла студентот од Гана кој бил исплашен од карантин и избегал од аеродромот. Тој вчера допатувал од Гана, и имал мала настика. Бил направен кордон околу него и го превзела Итната медицинска помош. Во болницата утврдиле дека нема место за паника, и веднаш потоа бил пуштен.

И српските власти ги зајакнуваат мерките за превенција од ебола, поради транзитот од местата зафатени со епидемијата. Српските аеродроми се под засилен надзор, а е зајакнато и присуството на граничната санитарна инспекција.

„Нема место за паника. Оваа работа ја држиме под контрола – уверува Лончар, барајќи да не се создава паника без непроверени информации“, рече Златибор Лончар, министерот за здравство.

Здравствените власти одлучиле, доколку се појави сомнителен случај на ебола во Србија, карантинот да биде во хотелот „Национал“, покрај автопатот Белград-Загреб. Се чека одлуката да ја потврди и српската Влада.

Германскиот министер за здравство Херман Грее за весникот „Рајнишен пост“, вели дека во Германија нема причина за загриженост. Има „извонредно опремени центри за лекување“, кои се специјализирани за третман на лица со високо заразни болести.

Наташа Гркова-Петрушевска