Тетово

Мендух Тачи реизбран за претседател на ДПА

12.10.2014 17:47

Демократската партија на Aлбанците(ДПА) во Тетово го одржа шестиот Конгрес на кој Мендух Тачи беше реизбран на лидерската позиција како единствен кандидат. Следнава недела се очекува централното собрание на партијата да ја формализира одлуката за враќање во Собранието по инцидентот пред речиси два месеци.

Шестиот конгрес на ДПА Албанците ги дочекаа заморени, заморени од големата политичка, економска, културна  деградација, заморени од чекање на евроинтеграциските процеси. Албанците се незадоволни од партијата на власт које не ги остварува своите ветувања.

Ова лидерот на ДПА Мендух Тачи го изјави пред околу 680 делегати на партискиот Конгрес што се одржа во Тетово. Тој ја потврди одлуката ДПА да се врати во Собранието.

„Јасни се препораките од САД и Европската унија. Тие бараат да се вратиме во Парламент. Јас ќе продолжам како претстедател, а и партијата така ќе продолжи да се однесува, партнерски кон САД и ЕУ. Не сакавме денеска конгресот да го преоптоваруваме со оваа одлука. Фактичката одлука ќе ја донесе Централното собрание следнава недела“, изјави Мендух Тачи, претседател на ДПА.

Тачи рече дека ДПА како опозициска партија реагирала и ќе реагира на сите антиалбански политики на владејачката партија. Во прв план им биле интересите на Албанците, па потоа на сите останати граѓани.

„Многу брзо на сите ќе им биде јасно дека е невозможно Република Македонија да оди напред без сериозен конструктивен дијалог со ДПА за нејзините програмски определби“, вели Мендух Тачи, претседател на ДПА.

Мендух Тачи беше единствениот кандидат за претседател на ДПА и на денешниот конгрес со акламација беше реизбран на таа партиска функција. Партијата доби и четири нови потпретседатели.

Зоран Јованоски