Невреме

Тајфуни пустошат во Индија и во Јапонија

13.10.2014 10:03

Локалните власти издадоа наредба за евакуација на повеќе од 270 илјади луѓе во седум префектури...

Најсилната бура во историјата на Јапонија ја погоди земјата на изгрејсонцето. Моќниот  тајфун Вонгфонг, предизвика ерозија на крајбрежјето повредувајќи најмалку 30 лица во Окинава. Одрони се забележани на островот Кјушју. Над 300 летови се откажани, целосно е запрен железничкиот сообраќај. Локалните власти издадоа наредба за евакуација на повеќе од 270 илјади луѓе во седум префектури.

„Овој тајфун е вистинска реткост. Се надевам дека ќе се оддалечи од нас што поскоро“, велат од евакуацискиот центар.

Метеоролозите велат дека постои опасност мегациклонот Вонгфонг постепено да ја намалува силата, да мине низ главниот град Токио најверојатно во текот на утрешниот ден.

Нуклеарните централи на островите Кјушју и Шикоку превентивно ја запреа работата. Вонгфонг што на јапонски значи „оса” доаѓа само една недела откако тајфунот Фанфон усмрти седум лица, а илјадници лица принуди да ги напуштат домовите.

И во Индија беснеат циклоните. Над 400 илјади луѓе беа евакуирани во реоните долж брегот на Бенгалскиот залив во индиската држава Андра Прадеш. Има и загинати поради беснеењето на супер тајфунот Худхуд.

И во оваа индиска држава е затворен воздушниот и железничкиот сообраќај. Ветерот со брзина од 200 километри на час метеоролозите го нарекоа екстремен, но предвидуваат дека попладне ќе го намали интензитетот.

Во овој дел од годината брегот на Бенгалскиот залив често е погодуван од циклони. Во истата област пред 15 години во налет на циклон загинаа над 10 илјади луѓе.

 

Маријана Димовска