Пчеларството влијае на поголеми земјоделски приноси
Треба да стекнеме навика медот да го користиме во редовната здрава исхрана, порачуваат македонските медопроизводители од Саемот на мед во Прилеп. Субвенциите голема поткрепа, а зголемувањето на пчеларство за дури 50 насто го збогатува земјоделскиот род...

Неспорно е лек, а треба да стане и навика во здравата исхрана. Македонските медари ги упатуваат потрошувачите да го користат здравиот пчелин нектар во редовната исхрана.
„Навиките може да се променат со едукација уште од мали нозе да се едуцираат децата. Така може да се промени продажбата на медот и употребата“, вели Петре Кузманоски, производител на мед.
На Саемот за мед во Прилеп производителите резимираат – климатските промени влијаат на годишниот род. Државните субвенции се голема потрепа.
„Оваа година е послаба, имаше многу дождови, со приходи сме малку послаби. Со субвенциите е добро. Ако не се тие, не знам дали половина од пчеларите дали ќе опстанеме“, изјави Дејан Бошкоски, пчелар.
Здруженијата на производители на мед со уште еден аргумент. Зголемувањето на пчеларството влијае и за преку 40 насто поголемо земјоделско и овоштарско производство. Во светот земјоделците плаќаат за тоа.
„Подобар квалитет на плодовите, подобар вкус, поквалитетни семиња во производството. Од присуството на едно пчелно семејство на определена земјоделска површина околните земјоделци добиваат принос рамен на 370 евра. Кога ќе се пресмета, од 180 000 пчелни семејства во Македонија, тоа е на ниво на 54 милиони евра приход од пчеларите, а ние од тоа земаме само 10 насто“, изјави Душко Дабески, претседател на пчеларското здружение „Братство“.
Во земјава се регистрирани близу 10.000 производители на мед со годишно производство од 800 тони мед.
Елизабета Митреска
