Нова вредност за регионот Охрид- Преспа
Денес во албанскиот град Корча ќе се изврши инаугурација на прекуграничниот биосферен резерват „Охрид- Преспа“ на УНЕСКО. На овој чин ќе присуствуваат високи претставници на владите, парламентите и општините на Македонија и Албанија, како и претставници на УНЕСКО и Европската унија...

Донесовме нова вредност за иднината на регионот Охрид-Преспа, велат од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, кои беа носители на проектот. Станува збор за историска одлука на УНЕСКО која ќе придонесе за еколошка заштита и одржлив развој на овој регион.
„Нова вредност која што ќе треба да се искористи и од аспект на заштитата на регионот,меѓутоа и за негова туристичка промоција,а се обезбедуваат и услови за одржлив развој.Значи ова е една вредност за која ќе се учи во учебниците,но која во наредниот период ќе мора да се спроведува најквалитетно“, изјави Дејан Пановски-Билатерален секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Придобивките од прогласувањето на биосферниот резерват ќе бидат огромни,бидеќи една од главните функции ќе биде логистиката,во однос на истражувањата,мониторингот и зачувувањето на екосистемите кои ги поседува.
„Во таа насока биосферниот резерват може да комуницира во мрежата на биосферни резервати во светот,каде што голем број научници би доаѓале тука и би вршеле истражувања.Исто така значајна е размената на информации, искуства и споделувања со други резервати.На тој начин сите тие светски искуства и знаења ќе бидат применети овде“, смета Ѓоко Зороски- инженер по животна средина.
Покрај заштитата на природните вредности и туристичката промоција,биосферниот резерват ќе придонесе и за промоција на производите кои се произведуваат во регионот, кои во иднина ќе бидат брендирани и ќе го имаат печатот на резерватот.
Сашо Нелоски
