Последен ден за отпис на долгови: Метеж во Центрите за социјална работа

13.10.2014 15:22

Заврши пријавувањето за отпис на долгови. Апелите на властите како да не дадоа резултати. И покрај тоа што службите работеа и за време на викендот, голем дел од граѓаните го чекаа последниот рок за да ја поднесат документацијата...

На последниот ден, метеж пред шалтерите во Центрите за социјална работа. Граѓаните од социјално – ранливите категории го фаќаа последниот воз и ги поднесуваа барањата за отпис на долгови. Некои од неажурност, некои поради некомплетна документација – секој со својата мака и со оправдание зошто се чекало 5 до 12.

„Чекав до последниот рок бидејќи ми бараа и дополнителни документи, сега ја комплетирав документацијата, го поднесов барањето и сега се надевам дека ќе ми го отпишат долгот“.

„Јас не сум вработен и не добивам социјална помош. Не сум во можност да го вратам долгот. Болен сум, имав инфаркт и сега, на последниот ден, се решив да поднесам барање за отпис на долгови“.

„Бев информиран, но не бев во можност досега да поднесам барање“, велат случајно анкетираните граѓани.

За да им се излезе во пресрет на засегнатите граѓани, центрите работеа и викендов,  но и покрај апелите од властите и најавата дека рокот нема да се продолжи, не се успеа да се воспостави ред.

„Денеска имаше големанавалица во Центарот за социјална работа. Работевме и за викендот, во саботата, но тогаш немаше толкав број заинтересирани како што имаше последниот ден“, изјави Емилија Димитријоска, раководител на Центар за социјална работа.

Службите и денеска им објаснуваа на засегнатите која е потребната документација за учество во проектот.

„Граѓаните се информирани за потребната документација. На луѓето кои се уште не се запознаени, им ја објаснуваме процедурата, ја комплетираат документација и го пополнуваат барањето“, вели Мирјана Чергарска, вработена во Центар за социјална работа.

„Еднократниот отпис“ е димензиониран да им помогне да граѓаните од најранливите категории: примателите на социјална и на постојана парична помош, невработените кои активно бараат работа и луѓето изложени на социјален ризик поради смрт на брачниот другар, инвалидност или потешка болест. Ќе им се простат долговите за струја, парно, РДТ, но и обврските кон банките.

На 18 август од Центарот за социјална работа во Гази Баба го најавивме почетокот на проектот „Еднократен отпис на долгови“. Два месеца подоцна проектот финишира. Првите решенија со кои на граѓаните и официјално ќе им се отпишат долговите ќе бидат поделени меѓу 20 и 25 октомври.

Колку луѓе ќе бидат опфатени со проектот, ќе се знае откако надлежната Комисија, која треба да ги провери документацијата и точноста на податоците, ќе си ја заврши работата. Тогаш ќе биде позната и вкупната сума, односно колкав долг ќе се отпише.

 

Мартин Пушевски