Ќе се отпишуваат долговите на граѓаните и во Хрватска

13.10.2014 16:33

Според најавите отпишувањето ќе се однесува на долгови со мала вредност до 10 илјади куни и на граѓани кои се во мошне тешка финансиска состојба и ги исполнуваат социјалните критериуми. Според проценките би биле вклучени оклу 10 илјади семејства...

Ќе се отпишуваат долговите и во Хрватска.  Ресорите за социјала и зафинансии ги договараат критериумите и веќе разговараа со најголемите доверители, банките и телекомите, а ќе се вклучат и други компании, Елекростопанството и Водоводите. Се нагласува дека целата операција ќе биде на доброволна основа, а на компаниите им се ветуваат даночни олеснувања. Во Хрватска 150 илјади граѓани подолго од една година должат до 10 илјади куни, односно околу 1300 евра. Вицепрамиерката Миланка Опачиќ нагласува дека нивниот долг е околу 66 милиони евра, но една група од околу 9500 граѓани има и орочени заштеди во банките.

„Да речеме дека играат нечесно, од една страна должат, а од друга имаат заштеди  и тие не влегуваат во ниту една приказна. Но постои голем број луѓе, над 70 илјади кои спаѓаат во групата на пензионери и невработени и корисници на социјална помош. И за нив разговараме со доверителите”, Миланка Опачиќ, вицепремиер и министер за социјална политика.

Според најавите отпишувањето ќе се однесува на долгови со мала вредност до 10 илјади куни и на граѓани кои се во мошне тешка финансиска состојба и ги исполнуваат социјалните критериуми. Според проценките би биле вклучени оклу 10 илјади семејства, а од финансии најавуваат и поголем број корисници. Во игра се две законски решенија.

„Она што го нуди ресорот правда е личниот банкрот. Веројатно во него ќе се најдат овие транзициски „златни момчиња”. За другите граѓани што не се во оваа група одиме според моделите на Велика Британија, Ирска и Шведска. Дали ќе биде еден или дав одделни закона ќе видиме“, вели Лаловац, министер за финансии.

Во Хрватска најавуваат дека сите податоци за отпишаните долгови ќе бидат јавно достапни. На посебно креирана интернет страница со регистар на должници и со потребните упатства.За големите должници се подготвува закон за личен банкрот исто така на доброволна основа.

Свето Николовски