Охрид на дланка од манастирскиот комплекс Света Петка
Легендите говорат дека Охрид некогаш имал 365 цркви, по една за секој ден од годината. Еден од најубавите манастирски комплекси во охридско е посветен на Света Петка. Тој е опкружен со прекрасна природа, од каде што има неповторлив поглед кон градот и езерото...

Велат дека секој пат во охридско води кон прекрасен духовен храм и дека сите тие се уникатни и убави на свој посебен начин. Овојпат ве водиме во еден од најубавите манастирски комплекси во охридско посветен на Преподобна маченица Параскева Римјанка или народски кажано-Света Петка кај селото Велгошти. За овој комплекс малку се знае, бидеќи не е сочуван летопис кога е изградена црквата, а сепак има огромно значење за верниците.
„За прв пат се споменува некаде кон крајот на 16-тиот век, поточно 1586 година, во писмото од Охридскиот Архиепископ Гаврил упатено до тогашниот руски император, Фјодор Иванович“, објаснува Влатко Шокароски-Шокар.
Во црквата се наоѓа чудотворната икона на Света Петка, чија старост не е утврдена. Таа е карактеристична по тоа што е повеќеслојна, односно над првиот слој во повеќе наврати е пресликуван ликот на светицата. Во најстарата книга на манастирот неодамна се откриени два досега непознати записи кои говорат за континуитетот на црквата.
„Најстариот запис датира од 1750-та година. Тоа всушност е ктиторски запис, кој кажува од каде е донесена и кој ја дал таа книга на манастирот. Тоа е втората врска со Царска Русија, односно со Троицисергиевата лавра во Русија, бидеќи таму е печатена таа книга“, додава Шокар.
Од манастирската тераса Охрид се гледа како на дланка, а целиот комплекс е опкружен со неповторлива убавина. Овој простор сигурно бил неисцрпна инспирација и за големиот македонски писател, Живко Чинго, кој детството го минал на околните пољани, шетајќи крај реката и низ густата шума.
Сашо Нелоски
