Бизнисмените не очекуваат турбуленции до крајот на фискалната година
Нема поместувања во нарачките. Бизнисмените не очекуваат турбуленции до крајот на фискалната година. Доколку има поголем пад на европската економија, велат последиците би можеле да се почувствуваат од идната година...

Македонските компании не очекуваат турбуленции до крајот на фискалната година, по најавите дека европските економии стагнираат и дека на повидок е нова економска криза. Велат работа има, нема поместувања во нарачките се до крајот на декември.
Според нив стабилната економија обезбеди раст на производството во текот на целата година. Доколку има поголем пад на европската економија сметаат дека последиците би можеле да се почувствуваат од идната година.
„Сега за сега немаме такви најави, ги чекаме налозите од надвор дека ќе дојдат по завршните сметки, односно по декемвриските пресметки, и потоа ќе дојдеме до еден пресек“, објаснува Аце Антевски, сопсвеник на фабрика од металната индустрија.
Македонија традиционално има најголема трговска размена со земјите од ЕУ, но мали се шансите да се прелее кризата, сметаат бизнисмените од Сојузот на стопанските комори кои остануваат на тоа дека внимателно треба да се следи ситуацијата.
Доколку тоа се случи, индустриските компании и извозно ориентираните според претседателката Арсовска ќе бидат први на удар. Арсовска смета дека менаџерските одлуки во вакви ситуации се најважни.
„Кога кризата се очекува да се прелее од Европа и да се осети на нашиот пазар, бизнисмените веќе наоѓаат алтернативни пазари во брзорастечните економии на азискиот пазар, кадешто би можеле да ги пласираат своите производи, или пак да го зголемат увозот “, вели Данела Арсовска, претседател на Сојузот на Стопански комори.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија од јануари до август годинава изнесува 3,2 милијарди долари, а на увозот 4,8 милијарди долари.
Покриеноста на увозот со извоз е 66,7%. Трговскиот дефицит, во истиот период изнесува 1,5 милијарди долари.
Речиси 52,6% од вкупната надворешно- трговска размена на Македонија се одвива со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.
Дијана Ценевска
