Почина лекарот од ОН заразен со ебола

14.10.2014 13:11

Вработен во Обединетите нации кој бил заразен со ебола, почина денеска во Германија. Според извештаите, 56- годишниот маж се лекувал во болница во Лајпциг. Со смртоносниот вирус се заразил додека работел во Либерија. Баталјон од 800 војници на Сиера Леоне позитивни на тест на ебола, јави Ројтерс...

Лекар на Обединетите нации кој се заразил со ебола во Либерија почина во клиниката во Лајпциг. Бил довезен со авион во Германија минатата недела и е третиот заболен кој се лекуваше во земјата.

„Симптомите му се појавија на 3-ти октомври. Обединетите нации реагираа брзо и дадоа дијагноза на 5-ти октомври преку меѓународните лаборатории“, изјави д-р Томас Груненвалд, болница „Св. Џорџ“ во Лајпциг.

Под надзор се 40-тина припадници на мировната мисија на Светската организација кои контактирале со него. Меѓу медицинскиот персонал незадоволство - колегите на 26-годишната Нина Фам, заразената медицинска сестра во САД, протестираат поради несоодветната обука со која се праќаат во првите борбени редови против вирусот.

„Не би ги пратиле војниците на фронтот без оружје. Сестра без соодветна обука иопрема е опасност за себеси, за нејзиното семејство и за пациентите“, вели Бони Кастилјо, синдикат на медицинските сестри во Далас.

И сопругот на заразената медицинска сестра Тереза Ромеро во Шпанија, од карантин преку пријател прати барање за оставка на шефот на здравството во Мадрид.

„Жена ми немаше магистерски по ебола. Доби само час ипол обука. Вие не покажавте почит кон Тереза. Голтнете ја гордоста и дајте си оставка“, вели Тереза Меса.

Во Либерија, многумина спасот го бараат во црква, но пред Бога смеат да се појават само со раце измиени со варикина. Специјалниот Команден центар за ебола во Фритаун одвај се справува со новите случаи.

Се координираат амбулантните и погребалните возила во жариштата на заразата. Со малку ресурси и недоволно знаење, исправени се пред огромна операција, на работ на глобална катастрофа.

До сега заразата однесе над 4 илјади животи, главно во Западна Африка.

 

Ивана Салтировска