Прв саем за вработување: Работодавците и невработените лица на едно место

14.10.2014 15:11

Информатичари, инжењери, пекари, економисти, правници се само дел од струките од кои компаниите имаат потреба...

Компаниите ги отворија вратите за граѓаните, а тие уште од рано изутрина побрзаа да аплицираат за некои од работните позиции. Саемот за вработување на едно место ги собра работодавачите и невработените лица. Граѓаните од нив слушнаа какви можности им се нудат. Дел од нив со години бараат работа. Оние што ги анкетиравме се надеваат дека компаниите ќе го препознаат нивниот квалитет.

„Јас сум економски техничар по струка, со надеж треба да се живее... Многу тешко е без работа да се живее, и двајцата сме невработени“, велат кандидатите кои случајно ги анкетиравме.

Информатичари, инжењери, пекари, економисти, правници се само дел од струките од кои компаниите имаат потреба. Менаџерите велат дека бараат кадри со долгогодишно искуство и високо образование.

„На пазарот на трудот секако се потребни кадри од повеќе профили, со секакво образование, од средно до високо, компаниите имаат потреба од различен тип на кадар, секако квалификуван, меѓутоа и неквалификуван којшто ќе навлезе во процесот на работа“, вели Ирина Чипиљугин – директор на компанија.

Надлежните очекуваат преку ваквите настани да се намали и невработеноста во земјата. И во следниот период владата преку агенцијата за вработување ќе продолжи со реализацијата на политиките зза врабоптување.

„Во последните шест години невработеноста во Македонија се намали од 38% на најниско ниво во последните 18 години, на 28,2 %, тоа е една од најважните определби на Владата- намалување на невработеноста“, нагласи вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

„Невработените лица и младите лица кои бараат работа полесно и побрзо да стигнат до правилната и вистинската информација за слободните работни места за потребната доквалификација и преквалификација“ , изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

„Денешниот Саем и наредните седум саеми кои ќе бидат после овој, се надевам дека што повеќе граѓани од Република Македонија ќе си ја најдат својата егзистенција и ќе може да се вработат во една од овие компании кои што ги нудиме, но и во оние кои не се присутни на овој саем“, изјави директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски.

На саемот покрај домашните учествуваа и голем број странски компании кои бараат кадар од Македонија . Настанот го организира Агенцијата за вработување и УСАИД.

Ова е одлична можност за граѓаните да дојдат и да станат дел од од некои од компаниите кои нудат работни места. Ова е прв саем за вработување кој се одржува во Скопје, а вакви ќе се организираат низ цела Македонија.

 

Викторија Тодоровска