Тетово

Аџиите се вратија, престојат редовни контроли и следење на здравствената состојба

14.10.2014 16:07

Аџилакот заврши. Аџиите се враќаат дома. Сега за нив претстои период на редовни контроли и следење на здравствената состојба од страна на епидемиолозите. Лекарските тимови се подготвени, а аџиите соработуваат.

И аџиите од полошкиот регион деновиве се вратија дома. Тие Курбан Бајрам го прославија во Медина, во Саудиска Арабија.

Претстојат редовни контроли и следење на здравствената состојба. Досега не се забележани симптоми на некоја заразна болест.

И во гостиварската болница се вршат разговори и прегледи со секој од 70-те овдешни аџии.

„Надзорот го вршиме 21 ден, покрај оној редовен здравствен надзор на колера кој трае 5 дена, на маларија кој трае шест недели, како и мерс корона вирусот и ебола вирусот од 21 ден“, изјави примариус доктор Воислав Огњаноски, епидемиолог.

Пред заминувањето на аџилак биле преземени сите потребни мерки. 

„Ние кога тргнавме од овде примивме вакцина и таблети, се како што треба, зошто тоа е важно са нас, за околината и за семејството“, вели Афет Беадини, водич на аџиите.

Аџиите се јавуваат на задолжителните контроли. Задоволни се од гостопримливоста во Медина.

„Се беше како што треба, многу добро беше. И благодариме на таа земја, многу убаво се однесуваа, ретко се случува и изненадени сме. Се е во ред“, рекоа аџиите со кои поразговаравме.

Според надлежните и Здравствените домови од регионов се подготвени за справување со евентуална појава на заразни болести. Набавена е потребната опрема, а има и обучени тимови.

Зоран Јованоски