ЕУ извештајот пред Националниот совет

Орав: Очекуваме брза разрешница за деблокирање на политичкиот дијалог

14.10.2014 16:14

Македонија ќе биде најпрепорачуваната земја за членство во Европската унија. За ќорсокакот во којшто се најдовме не сме виновни ние и очекуваме европската правда да е подеднаква за сите- дел од ставовите изнесени на заедничката седница на трите матични собраниски тела, посветена на извештајот од Брисел...

Очекуваме брза разрешница за деблокирање на дијалогот– порака од eвроамбасадорот Аиво Орав. Брисел ги нотираше поглавјата на коишто ќе треба да се фокусираме во наредниот период.

„ДПА ќе се врати во Парламентот и ние го поздравуваме тоа. Се надеваме и дека ќе ги видиме и СДСМ тука што можно побрзо и се надеваме дека Владата и опозициските партии ќе отпочнат конструктивен дијалог во следните денови“, изјави евроамбасадорот Аиво Орав.

Македонија ќе биде најпрепорачуваната земја за членство во Европската унија. За ќорсокакот во којшто се најдовме не сме виновни ние и очекуваме европската правда да е подеднаква за сите- дел од ставовите изнесени на заедничката седница на трите матични собраниски тела, посветена на извештајот од Брисел.

„Холандија има еден слоган- Строго, но праведно- при оценувањето на земјите кои се кандидати за членство во ЕУ, а ние немаме ништо против тоа да бидеме оценувани строго, но за жал досега видовме малку праведност“, изјави подпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

„Забелешките се од суштинско значење за нас, за нашата држава. Не ни е целта да ја достигнеме Полска или Естонија во разните реформски зафати, цел ни е да живееме нормално како граѓани на оваа држава“, изјави независната пратеничка Солза Грчева.

„Македонија не е во внатрешен ќор-сокак според мене, туку во надворешен ќор-сокак, базиран на надворешни фактори. Таквата состојба создава помалку апатија кај граѓаните на Република Македонија и помалку воздржан однос, или воздржани воздишки спрема секоја следна препорака на Европската унија“, смета Илија Димовски, подпретседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Статус- кво позицијата и покрај досега добиените 6 препораки несомнено дека влијае  врз динамиката на ЕУ реформите, но, и покрај ова Македонија со постигнатото   според, вицепремиерот Бесими е пред другите земји- аспирантки.

„Од 33 поглавја, Македонија оваа година имаше просек од 2,82 споредено со другите земји од регионот, што значи дека Македонија е на повисоко ниво“, рече вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

Владата во текот на идната недела врз база на анализите ќе го изготвува акцискиот  план за идните реформски потези, а со експерти од Брисел, како што рече  вицепремиерот Бесими, веќе се скенираат состојбите во судството и во медиумите.

Виолета Димовска