Груевски: ЕБОР ќе го засили учеството во приватниот сектор

15.10.2014 09:58

Во фокусот на средбата бил развојот на односите на Македонија со ЕБОР, како и соработката во енергетиката и во инфраструктурата, особено во делот на изградба на патишта и железничкото поврзување, кои се во функција на напредокот на економијата...

Претседателот на владата Никола Груевски, во рамките на економската посета на Лондон, оствари средба со регионалниот директор на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Муант Холгер.

Во фокусот на средбата бил развојот на односите на Македонија со ЕБОР, како и соработката во  енергетиката и во инфраструктурата, особено во делот на изградба на патишта и железничкото поврзување, кои се во функција на напредокот на економијата.

„Со премиерот и претставниците на Владата, разговаравме за повеќе проекти кои се од заедничко значење. Главниот фокус беше поддршка на приватниот сектор и компаниите, разменувајќи идеи и информации за тоа како може дополнително да го засилиме. Во наредните неколку недели ќе ја посетам државата со цел да ги продолжиме разговорите со владините претставници и приватниот сектор за реализацијата на повеќе значајни проекти“, посочи регионалниот директор на ЕБОР, Муант Холгер.

„Имаат намера да го засилат своето учество во приватниот сектор, односно да бидат што повеќе присутни со повеќе средства, партнерства, кредитирања и слично. Тоа ме радува, јас ги охрабрувам што повеќе да инвестираат во приватниот сектор- некаде влегуваат како акционери, некаде со кредит и други различни форми на поддршка на приватниот сектор“, нагласи премирот Груевски.

Премиерот Груевски изјави дека во делот на јавниот сектор, во тек се неколку значајни проекти, а дел од нив се сеуште во фаза на договарање.