Претседателот Иванов во посета на Швајцарската Конфедерација

15.10.2014 10:46

За време на посетата на Швајцарската Конфедерација, претседателот Иванов ќе учествува на 25-тата годишна сесија на Форумот „Кран Монтана“, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денеска престојува во работна посета на Швајцарската Конфедерација. Во Берн, Иванов ќе оствари средба со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Дидиер Буркхалтер.

За време на посетата на Швајцарската Конфедерација, претседателот Иванов ќе учествува на 25-тата годишна сесија на Форумот „Кран Монтана“, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот.

Во рамки на Форумот „Кран Монтана“, што годинава се одржува во Женева, претседателот Иванов ќе се обрати на сесијата „Национална и глобална безбедност“, на тема „Безбедноста на новата европска бизнис дестинација: Балканот и глобалната безбедност“. Теми на годинешната сесија се глобалната безбедност и ситуациите во Африка, Сахара, Ирак и Блискиот исток, со фокус на Балканот.

За време на посетата на Швајцарската Конфедерација, претседателот Иванов ќе оствари средба и со Високиот комесар за човекови права на ОН, г Зеид Ра’ад Ал Хусеин, и ќе се сретне со претставници на Форумот на македонските друштва во Швајцарија.