Инвестициските можности во Македонија претставени во Полска

15.10.2014 14:07

Во обраќањето Пешевски ја нагласил отвореноста на Владата кон странските инвеститори и бизниси, презентирајќи ги досегашните реформи во насока на подобрувањето на условите за инвестирање и водење бизнис...

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски е во посета на Полска. Заедно со полскиот министер за економија Јануш Пехочински, Пешевски учествуваше и имаше обраќање на бизнис форумот корганизиран со полската Агенција за информации и инвестиции.

Пред полските компании беа презентирани поволните услови за инвестирање и водење бизнис во Република Македонија.

Во обраќањето Пешевски ја нагласил отвореноста на Владата кон странските инвеститори и бизниси, презентирајќи ги досегашните реформи во насока на подобрувањето на условите за инвестирање и водење бизнис.

Владиниот економски тим имал и директни средби со високи претставници на поголемите полски компании од областа на автомобилската индустрија, производство на разни видови електрични уреди и кабли, кујнски производи, производство на вагони, локомотиви и трамваи, земјоделска механизација, рударска механизација, компании кои се занимаваат со пренос на гас и обновливи извори на енергија и слично.

Сите овие компании покажале  интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија и соработка со нашите компании од повеќе области.