Богов: Денарот останува стабилен

15.10.2014 14:15

Полтиката на фиксен курс на денарот од воведувањето покажува дека е соодветна за мала економија како што сме ние и дава резултати...

Стабилниот курс на денарот нема да се менува. Народната банка ќе ја задржи оваа политика, која како што вели гувенерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, дава резултати кои се гледаат и во растот на депозити во денари и довербата во домашната валута.

Полтиката на фиксен курс на денарот од воведувањето покажува дека е соодветна за мала економија како што сме ние и дава резултати. Нема економија која може да води политика на флуктуирачки курс на домашната валута освен Америка и ЕУ кои се големи. Има некои примери и во регионот кои имаат флуктуирачки курс на домашните валути, но прават многу повеќе интервенции на девизниот пазар, истакна денеска гувернерот Димитар Богов на седницата на Комисијата за финансирање и буџет која расправаше по Извештајот за работата на НБРМ во 2013 година.

Според него, најдобар показател за спроведувањето на оваа политика е растот на штедењето во домашна валута што покажува и довербата на граѓаните во денарот и во банкарскиот систем.

Депозитите забележаа раст од 8,1 отсто, од кои кај претпријатијата е 10,5 отсто, а кај населението 7,8 проценти. Значајно, како што истакна Богов, е тоа што 50,8 проценти се депозит во денари и што поголемиот дел се долгорочни.

Посочи дека раст е забележан и кај кредитирањето при што кај кредитите е 6,4 проценти, а кај населението 12 проценти. Нефункционалните кредити се движат околу 11 проценти.

Порача до банкарскиот сектор дека треба да се преземат мерки за да може да се кредитираат повеќе малите фирми, бидејќи најголемиот дел од издадените кредитите се кај големите компании.