Отворен прв дневен ценатар за деца со оштетен вид

15.10.2014 15:12

Дневниот центар што ќе работи од 8,30 до 16 и 30 е инвестиција на Министерството за труд и социјална политика во кој се вложени два милиона и 300 илјади денари- инвестирани во реновирање и опремување на објектот кој претходно беше руиниран...

Со векови децата со оштетен вид се образовале зад високите ѕидови на специјалните училишта. Дури во последниве декади тие се повеќе растат во средина приспособена на нивните потреби. Денес е нивниот меѓународен ден, и по тој повод е отворен дневен центар за деца од предучилишна возраст кој ќе работи на нивна интеграција и едукација. Времето ќе го минуваат стекнувајќи знаења и вештини за ориентација во просторот и за нивна рана социјализација.

„На концептуален развој, на препознавање на предмети, на развој на моторните способности и на секојдневните вештини. Дневниот центар ќе биде одлична поддршка и за самите семејства на децата со оштетен вид во стекнување и на дополнителни знаења на самите родители за подобар развој на нивните деца. Ова е прв ваков проект“, рече Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Дневниот центар што ќе работи од 8,30 до 16 и 30 е инвестиција на Министерството за труд и социјална политика во кој се вложени два милиона и 300 илјади денари- инвестирани во реновирање и опремување на објектот кој претходно беше руиниран.

„Капацитетот на дневниот центар е петнаесет дечиња. По нашата направена анализа со сојузот за слепи и министерството за труд и социјална политика, предвидовме дека овој капацитет ќе ги задоволи потребите на градот Скопје“, рече Горанчо Јакимов, директор на училиштето за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“.

Дневниот центар за деца со оштетен вид е прв во низата што планира да ги отвори министерството за труд и социјала. Набрзо ќе стартува и проектот за изградба и поставување на  првите тактилни патеки за слепи лица од  домот „Даре Џамбаз“ преку  плоштадот „Македонија“ до градскиот парк.

Александра Перевска