Првата клапа на филмот „Ослободувањето на Скопје“ ќе падне во Велес
Македонските градови му конкурираат на Холивуд со амбиенталните природни сцени, погодни за снимање филмови. По Битола, Преспа и Мариово, наскоро и Велес по втор пат ќе биде домаќин на актерската екипа што ќе го снима првото режисерско дело на актерот Раде Шербеџија. Во сабота следува аудицијата за статисти.

Од центарот на Велес ќе започне снимањето на филмот „Ослободувањето на Скопје“. Актерите веќе се подготвуваат а режисерот Раде Шербеџија бара статисти. Аудицијата во Велес е закажана за сабота.
„Потребни ни се статисти од сите категории, мажи , жени и деца. Првата сцена која ќе ја снимаме е трка на веслачи помеѓу германски и бугарски војници“, рече Раде Шербеџија, режисер и актер.
Според планот за снимање, првата клапа на „Ослободувањето на Скопје“ е закажана за 31 овој месец. Сцената ќе биде поставена на брегот на реката Вардар од Мало Мовче до Стар Мост.
„Велес го има најубавиот театар, Велес е гард на културата, во Велес има престави кои се играат по повеќе од 100 пати, према тоа редно е и филм да се снима во Велес, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
„Ослободување на Скопје“ е прв режисерски филмски проект на Раде Шербеџија .
За реализација на филмот, Филмскиот фонд на Македонија одвои 500 илјади евра. Покрај режијата Шербеџија ја игра и главанат машка улога, партнерка во филмот му е македонската актерка Силвија Стојанова. Музиката во „Ослободувањето на Скопје“ е на Влатко Стефановски.
Сцени од своите филмови во Велес досега имат снимано Младен Крстевски, Весна Димитрова - Бобевска , Милчо Манчевски и Теоана Митевска со нејзиниот „Јас сум од Титов Велес“.
Дијана Иванова
