Србија- Албанија: Фудбал и политика преку летечка провокација

15.10.2014 16:36

Покрај Путин, следната недела во Белград, после 70 години треба да пристигне и албанскиот премиер Еди Рама...

Прекинатиот фудбалски натпревар меѓу Србија и Албанија во Белград не претставува само безбедоносен инцидент, тој доведе и до дипломатски скандал. Како што објави РТС, повикувајќи се на српската полиција, братот на албанскиот премиер Орфи Рама синоќа за време на прекин на натпреварот, бил приведен на информативен разговор во ВИП ложата на Партизан, под сомнение дека го раководел и организирал инцидентот со знамето на Голема Албанија.

Кај него- како што сопштуваат медиумите, бил пронајден далечинскиот управувач со кој го контролирал дронот со знамето. Како американски државјанин, Рама бил пуштен за Тирана, од каде сето ова го демантирал.

Се огласи и министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, кој изјави дека инцидентот на натпреварот е смислена и однапред испланирана политичка провокација, додека министерот за спорт Удовичиќ очекува осуда за инцидентот од албанската страна.

Албанскиот премиерот Еди Рама пак на социјалните мрежи инцидентот го оцени како „срамна страна на соседот на фудбалско поле против албанската репрезентација“.

Покрај Путин, следната недела во Белград, после 70 години треба да пристигне и албанскиот премиер Еди Рама. Политичките тензии околу натпреварот дополнително се зајакнати со вестите за судири меѓу србите и албанците во неколку европски градови, на Косово и славењето во Тирана.

 

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник за МРТ од Белград