Безбеден сообраќај: Построги мерки за автошколите за подобро обучени возачи
Добро обучени возачи за безбеден сообраќај. Со новиот предлог-закон за безбедност во сообраќајот се заоструваат мерките што треба да ги исполнуваат автошколите.

Досега лиценца требаше само за автошколите. Со новиот закон ќе треба и за вработените, а за инструкторите ќе има и контролен тест на секои 5 години. Ќе треба да се инсталираат и камери во просторијата каде што се полага теоретскиот дел, нои во возилата, за практичниот. 30 дена снимките ќе треба да се чуваат како доказ. Кандидатот мора да ги извози предвидените 36 часа. Ќе бидат високи казните ако при контрола МВР утврди пропусти. Една е 30 дена забрана за обука.
„Глоба и 3.000 евра за автошколата и 1.500 евра за одговорното лице во неа. Доколку и по истекот на тој рок автошколата не ги отстрани недостатоците, МВР ја одзема лиценцата“, вели Ненад Ѓоргиовски – началник на Одделот за возила и возачи.
Прифатливо е лиценцирање на сите во автошколите за да се утврди одговорноста, а камерите се крајна мерка, велат од Националното здружение.Според нив, на младите им е потребна сообраќајна едукација од најрана возраст.
Квалитетната обука ја гледаат со минимална загарантирана цена од МВР.
„Да, имаме некоја цена што кандидатот самата ќе го натера да си ги извози часовите, да нема пазарење, што е и најголем пропуст во досегашната работа кој се одразува на квалитетот на кандидатите што излегуваат од автошколите“, смета Јонче Апостоловски – претседател на Националното здружение на автошколите, возачите и инструкторите на РМ.
Од април 2017 година ќе има и нови возачки дозволи со вграден чип. Ќе се воведуваат поради олеснување на процедурите не само при впишување на казнените поени за возачите туку и при изрекувањето забрани за возење и при полагањето за различни категории на дозволи.
Наташа Гркова-Петрушевска
