НБРМ: Економијата во вториот квартал со раст од 4,3 %

15.10.2014 17:20

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки...

Економијата  закрепнува со солидно темпо и во вториот квартал оствари раст од 4,3 проценти, оцени Комитетот за оперативна и монетарна политика на Народната банка на Република Македонија. 
 
Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви, стои во соопштението од НБРМ. 
 
Најновите  показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на натамошни поволни трендови, но малку поумерени. Забавениот раст на индустријата и трговијата и пониската вредност на извршените градежни работи се секторите за кои се очекува дека ќе придонесат за забавувањето на растот. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.