Победа и пораз на македонските екипи на стартот на новата сезона во БИБЛ

Кожув убедлив со Морнар, Куманово потклекна пред Пеќ

15.10.2014 23:12

Македонските претставници во поблиската регионална кошаркарска конкуренција, БИБЛ, остварија половичен ефект на почетокот на новата сезона. Кожув во Гевгелија беше убедлив против црногорски Морнар, а Куманово доживеа тесен пораз на гостувањето кај Пеќ.

Македонските претставници во поблиската регионална кошаркарска конкуренција, БИБЛ, остварија половичен ефект на почетокот на новата сезона. Кожув во Гевгелија беше убедлив против црногорски Морнар, а Куманово доживеа тесен пораз на гостувањето кај Пеќ.

Последното место во основниот дел од ланската сезона беше мотив за Кожув годинава со многу високи амбиции да влезе во БИБЛ. Во тој контекст е и високата победа над Морнар од 85-66, во мечот во којшто гевгеличани немаа рамноправен ривал за надигрување. Црногорците беа неконкурентни и во ниеден миг не можеа да му го загрозат водството. Албијаниќ со 16 поени и 15 скокови беше лидер на Кожув на теренот, со поддршка од Ивеља, којшто исто така уфрли 16 коша. Брајант со 18 поени беше прво име кај Морнар. Веќе во вторник, во второто коло Кожув ќе и гостува на романска Крајова. Покрај овие три тима, ривали во групата „Б“  ќе му бидат и албанска Влазнија и косовска Приштина.

Куманово покажа две сосема различни лица во Пеќ, каде што загуби по продолжение со 89-88. Поразот на крајот беше болен, бидејќи кумановци на 44 секунди пред крајот водеа со 88-85, но сепак можеа да го доживеат и многу порано. Поради осцилации во играта, втората и третата четвртина ги загубија со вкупни 25 разлика, но најдоа сили да се вратат во последниот период, да го добијат со 22-6 и да се изборат за пет екстра минути. По нив беа блиску и до триумф, но сепак потклекнаа. Костоски со 28 и Мандиќ со 18 поени беа најпрецизни кошаркари на Куманово, додека Пуљко даде 25, а Шаптаховиќ 18 коша за тимот на Пеќ. За две среди, на 29-ти овој месец, Куманово на домашен паркет ќе ја пречека Сутјеска. Покрај косовскиот и црногорскиот состав, во групата „А“ уште се и бугарски Рилски Спортист и втората екипа од Црна Гора, Теодо.