Иванов- Буркхалтер: Швајцарија е голем пријател на Македонија

16.10.2014 10:22

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Дидие Буркхалтер на средбата со претседателот Иванов говорел и македонски...

Тероризмот и радикализмот стануваат глобални зла. Форумот во „Кран Монтана“ е посветен на подготвување стратегија за справување со опасноста која демнее врз Eвропа. Швајцарија е традиционален пријател на Mакедонија иако дипломатските односи со нашата држава Bерн ги воспостави пред 20 години.

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Дидие Буркхалтер на средбата со претседателот Иванов говорел и македонски.

„Пријатно ме изненади претседателот Буркхалтер кој ми се обрати на македонски јазик и во дел од состанокот што го имавме користеше македонски јазик. Швајцарија е голем пријател на Македонија и ме радува што оваа средба ја остваривме кога прославуваме 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи. И во следниот период продолжува техничката помош и во нивниот буџет се издвоени преку 80 милиони швајцарски франци  за проектите што ги имаат во Македонија“, изјави претседателот Иванов по средбата со неговиот швајцарски колега.

Овој период Швајцарија претседава со ОБСЕ. Претседателите исто така разговарале и за последните збиднување во нашиот регион, Блискиот Исток и Украина.

ОБСЕ дел од своите програми ќе ги ангажира и во нашиот регион. Тие пред се се однесуваат на дерадикализација на луѓето кои се враќаат од Блискиот исток.

„Нивниот претстој на боиштата ги инфицира од многу радикални идеи кои се туѓи за нашиот соживот и нашата традиција“, смета претседателот Иванов.