Лотарија за зелена карта во САД

150 Македонци лани добиле американска зелена карта, годинава лотаријата завршува на 3-ти ноември

16.10.2014 10:35

Американскиот Стејт Департмент повторно и оваа година распиша лотарија за добивање на зелени карти за легален престој во Соединетите Американски Држави. Минатата година околу 150 македонски државјани добиле американска зелена карта...

Пријавувањето преку интернет страницата на Стејт Департментот за лотаријата за зелена карта за легален престој во Америка, завршува на 3-ти ноември оваа година. 150 Макеоднци минатата година се пријавиле и добиле зелена карта за легален престој во САД.

„Немам бројка колку аплицирале за лотаријата за виза, но знам дека минатата година околу 150 Македонци добија виза. Значи поминале низ целиот процес, биле селектирани преку лотаријата за виза, направиле апликации преку нашата амбасада, добиле виза и потоа заминале за САД“, изјави Шон Купер, Стејт Департмент.

Со американска зелена карта, странците можат да се доселат и работат во Америка, а по 5 години престој и да аплицираат за американско државјанство. Од Стејт Департментот предупредуваат да не им верувате на компании или агенции коишто нудат посредување. Пријавувањето е бесплатно и секој може да аплицира.

„Затоа ги охрабруваме луѓето да одат на нашата интернет страница dvlottery.state.gov и сами да се регистрираат. Тие го контролираат целиот процес, внесувањетто на информациите за нив и нивните семејства и фотографија. Потоа добиваат број за потврда за нивната регистрација. Важно е да го зачуваат овој број, затоа што со него ќе можат да проверат дали се селектирани за лотаријата на крајот на програмата. Нема е-меил или писмо од Стејт Департментот“, нагласува Купер.

Идејата на оваа програма е во САД да се донесат луѓе од различни делови на светот за да се зголеми различноста во Америка. Постојат држави коишто надминале над 50 илјади зелени карти и државјаните од овие земји не можат да аплицираат. Таков случај се Британија, Канада, Бразил, Индија, Мексико, Кина, Колумбија, Домиканската Република, Еквадор, Ел Салвадор, Хаити, Пакистан, Перу, Филипини, Јужна Кореја, Виетнам и Бангладеш.

Минатата година 9,5 милиони луѓе од целиот свет аплицирале за добивање на американска зелена карта.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ