Девет пелагониски општини заедно до средства од фондовите

16.10.2014 10:50

Девет пелагониски општини ги вмрежуваат информациите од јавниот и граѓанскиот сектор и бизнисот. Сакаат да заедно да стигнат до проекти и пари од фондовите и донаторите. Според експертите, се раздвижува пазарот на трудот...

Какви проекти ќе ја подобрат бизнис климата во пелагонискиот регион, што ќе го поттикне туризмот во 9 општини во Пелагонија и ќе го подобри животот на преку 240.000 жители од регионот. Одговор треба да даде интегрираната мрежа и заедничкиот настап на сите пелагониски општини.

Најдобар е оној кој е најбрз во информациите. Ќе се вмрежуваат бизнисотот, јавниот и граѓанскиот сектор.

„Покрај деветте општини и центарот како организации, ќе добиеме уште едно тело кое ќе може да користи средства од најразлични донатори, како домашни, така и интернационални“, вели Емилија Героска, раководител на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Општините имаат природни и човечки ресурси, индустриски зони.

„Се она што можеме да го понудиме во иднина на домашни и странски инвеститори за економски развој“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

„Моногу повеќе ќе ни помогне кога ќе треба да аплицираме, кога ќе треба да добиваме одредени проекти“, смета Ѓоко Стрезоски, градоначалник на Ресен.

„Најголем бенефит од оваа интегрирана мрежа ќе имаат руралните општини“, нагласи Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.

Интегрираната мрежа покажа ефекти во вардарскиот регион.

„Преку ова партнерство за соработка може да се добие поголем пристап до фондови и донатори. Тоа е модел кој се покажа како многу успешен во вардарскиот плански регион“, вели Александро Фракатели, УНДП.

За експертите секој заеднички настап обезбедува развој на регионот.

„Пред се, се однесува на развојот на постоечките бизниси, но исто така и за привлекување на странски директни инвестиции. Секако дека тоа би имало свое влијание и врз пазарот на труд“, смета универзитетскиот професор Димитар Николоски.

Проектот интегрирана мрежа ќе функционира една година со канцеларии во Прилеп и Битола.

 

Елизабета Митреска