Седум години без Тоше

16.10.2014 11:03

Вечен помен за нашиот Тоше на неговото почивалиште во Крушево. 16 маратонци, но и фановите од Балканот пристигнуваат во родното место на Тоше...

7 години незаборав за македонската естрадна легенда која го освои Балканот, Тоше Проески. Вечен помен за нашиот Тоше на неговото почивалиште во Крушево. 16 маратонци, но и фановите од Балканот пристигнуваат во родното место на Тоше. 

Фановите на Тоше на 5 октомври го организираа и „Ѕвезденото небо“ со кое одбележаа седум години од неговиот последен концерт, кој беше хуманитарен и во соработка со УСАИД наменет за подобрување на условите во образованието.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран  („The Hardest Thing“).

Тодор Проески - Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш  настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот,  а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми - неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот - „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.