Македонија- Швајцарија: Потврдено пријателство и соработка
На 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи потврдено пријателството и соработката, особено во поддршката на подобрување на политичките процеси значајни за македонскиот евро-атлански пат...

„Добредојдовте!“, му рече швајцарскиот претседател на Иванов за време на средбата во Берн. „Сакав да научам нешто повеќе...“ рече претседателот на Швајцарската Конфедерација, Дидие Буркхалтер.
И овој мал гест на швајцарскиот претседател беше доволен за да покаже дека неговата земја нема проблем со идентитетските прашања на Македонија. На 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи потврдено пријателството и соработката, особено во поддршката на подобрување на политичките процеси значајни за македонскиот евро-атлански пат.
„Техничката помош продолжува. Годинава се издвоени 80 милиони швајцарски франци за проектите во Македонија. Нивен проект е парламентарниот институт кој го користат нашите пратеници, како и другите проекти како што се владеење на правото и меѓуетничките односи“, изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата со неговиот швајцарски колега.
Иванов го информирал Буркхалтер дека ЕУ и НАТО интеграциите остануваат стратешки приоритет за македонската надворешна политика, но, дека грчката блокада ја попречува државата на тој пат. Останува подготвеноста за директни средби со врвот на Атина и пораката за почитување на меѓународното право. Евро-атланските итеграции и нивната поврзанот со стабилноста на Балканот ја отворило и темата за состојбата со радикалниот естремизам. Швајцарија е актуелен претседавач со ОБСЕ, а оваа меѓународна организација веќе е вклучена со програми поврзани со ублажување на последиците на оние кои биле дел од паравоените формации.
„ОБСЕ дел од своите програми кои веќе ги има ќе ги ангажира во нашиот регион, а се однесуваат на оние кои следните децении ќе се враќаат и треба да се ресоцијализираат, да се вклучат во секојдневниот живот, да не се радикализираат. Нивниот престој на боиштата ги инфицира со радикални идеи кои се туѓи нашиот соживот и нашата традиција“, нагласи претседателот Иванов.
Соочувањето со националите и глобалните предизвици за побезбеден свет ќе биде главна тема и на форумот „Кран Монтана“ што почна денеска во Женева.
Што треба да преземат балканските земји за да не им се случи радикален потрес и како да се заштитат од повратниците од боиштата? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме утре за кога е планирана сесијата за Балканот на која ќе се обрати и претседателот Иванов.
Стојан Трпчевски, специјален ивестувач од Женева за МРТ
