Ставрески: Заштита на стандардот на пензионeрите, социјалците и вработените со буџетот за 2015
Еден од столбовите на буџетот е социјалната димензија. Внимававме во годините наназад да се обезбедат доволно средства за да се исплатат сите права и постојано имавме зголемување на субвенциите...

Заштита на стандардот на граѓаните преку предвиденото зголемување на платите на администрацијата, пензиите и социјалните надоместоци и повеќе средства за капитални проекти, се главните цели на буџетот за наредната година, а за чиј дополнет предлог денеска почна расправата во Собранието на Република Македонија.
Еден од столбовите на буџетот е социјалната димензија. Внимававме во годините наназад да се обезбедат доволно средства за да се исплатат сите права и постојано имавме зголемување на субвенциите, во одделни години и на платите, пензиите и социјалните надоместоци што помогна да се зачува стандардот на граѓаните. Со таа политика ќе се продолжи и наредната година, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, образложувајќи го дополнетиот предлог буџет за 2015 година пред пратениците во Собранието.
Потенцира дека во буџетот се предвидени средства за зголемените плати, пензии и социјални надоместоци.
Зголемувањето на платите ќе трае во текот на целата година бидејќи ќе почне од оваа. Во јули наредната година почнува зголемувањето на социјалните надоместоци за пет проценти и пензиите за пет проценти во октомври следната година, појасни министерот и додаде дека тоа е продолжување на политиката за заштита на стандардот на пензионерите и примателите на социјалните надоместоци.
