Дневни центри за лекување депресија во секој здравствен дом и поликлиника

16.10.2014 14:18

Министерството за здравство почнува со нов проект од областа на превенција на менталното здравје. Почнувајќи од наредната недела, во претстојниот период до крајот на годината во речиси секој здравствен дом во Република Македонија ќе биде отворен дневен центар за лекување на депресија...

Станува збор за центри кои ќе работат еднаш неделно, во периодот од 14.00 до 20.00 часот. Во секој центар ќе биде ангажиран по еден  специјалист психијатар, кој ќе дава здравствени услуги на пациентите без претходно закажан термин, а по потреба ќе ги упатува на натамошно лекување.

Просторот е обезбеден во рамки на здравствените домови, а во однос на кадарот ќе бидат ангажирани докторите-специјалисти во областа на психијатрија кои се веќе вработени во здравствените домови. Во здравствените домови каде нема вработено специјалист психијатар, здравствената услуга ќе биде покриена од страна на психијатар вработен во општа, клиничка или специјална психијатриска болница во истата или најблиска општина.  

„Со отворање на Центрите за депресија овозможуваме дополнување на здравствениот систем во областа на душевното здравје кој во јавно здравствениот систем  во нашата земја е претставен со три специјални психијатриски болници, психијатриски одделенија во шест општи и три клинички болници како и УК за психијатрија-Скопје како установа од терциерно ниво“, рече министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес конференција.

Депресијата е болест на современото општество и во нејзиниот третман потребно е да се вклучат не само за професионалците во областа на менталното здравје, туку и за експертите како што се социолози, психолози, педагози и др.

Депресијата претставува психијатриско растројство кај кое главен симптом е патолошки намалено расположение.

Според податоците од Светска Здравствена Организација, околу 350 милиони луѓе од сите возрасни групи, националности и други групи страдаат од депресија. Се смета дека во просек секоја петта жена и секој десетти маж во текот на животот ќе искусат барем една сериозна епизода на депресивно растројство. Статистиките покажуваат дека 7% од популацијата во европскиот регион страда од потешки форми на депресија (таканаречена мајор депресија), и таа бројка достигнува и до 25% од општата популација ако се вклучат и полесните форми, како и оние поврзани со анксиозност. Водечките светски организации и институции нагласуваат дека депресијата прераснува во сè позначаен јавно здравствен аспект кој има изразени импликации врз модерните општества, како на здравствено и социјално, така и на економско поле. Во исто време, депресијата е водечка состојба на коморбидитет со други заболувања (како на пр: кардиоваскуларни заболувања).

Министерството за здравство во соработка со УК за психијатрија изготви акциски план за отворање на центрите за депресија во рамки на здравствените домови низ целата територија на Република Македонија.

Овие центри ќе функционираат како сервиси на заедницата надвор од болничките установи, со цел превенција на депресијата, истовремено исклучувајќи ги аспектите на стигматизација.

Во текот на имплементација на проектот, согласно проценетите потреби, Министерството за здравство соодветно ќе ги прошири тимовите со цел да обезбеди мултидисциплинарен пристап во работата на центрите. 

Соња Стојановска