Општина Илинден- привлечна дестинација за унгарските автомобилски компании
На Бизнис форумот во Илинден беа присутни 15 унгарски и толку домашни фирми...

Одлична георгафска поставеност, донесени урбанистички планови, оформени локации, решена инфраструктура, ниски давачки. Ова е рецептот на Илинден за привлекување инвеститори. Следен предизвик е носењето унгарски фирми од автомобилскиот сектор кои се заинтересирани да бидат дел и од домашниот автомобилски кластер лоциран во Бунарџик.
„Едни од најголемите фабрики во Р. Унгарија се Мерцедес, Сузуки, Ауди. Така да очекуваме одредени делови да се прават во општина Илинден и затоа ја посочивме заради добрата инфраструктура“, изјави Сашо Јанакиески-директор на Унгарската трговска куќа.
На Бизнис форумот во Илинден беа присутни 15 унгарски и толку домашни фирми.
„Целта не е само да се насочиме кон производите, туку има и некои нови технологии кои Унгарија би сакала да ги инвестира, да ги донесе во Македонија. Со тоа би се зголемила нашата трговска соработка и размена, а би се отвориле и нови работни места“, вели Ласло Балог, директор во Унгарската стопанска комора.
Илинден има оформено 9 локални економсаки зони, а само последниве години во нив инвестирале 110 домашни и странски компании. Во фокусот на локалната власт е креирањето нови работни места, а не висината на наплатените такси.
„Средствата што инвеститорот ги планирал да ги вложи веднаш во изградба на објект и да овозможи нови работни места, додека таксите и комуналиите се занемарлива вредност“, рече градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски.
Филозофијата на унгарските компании е да се задржи европскиот пазар. Но, и да се бараат можности за креирање нови бизниси во земјите на Западниот Балкан.
Илинден е витинска мека за инвеститорите. Само во последниве неколку недели склучени се договори за инвестирање со 6 компании, од кои 4 домашни и 2 странски.
Свето Николовски
