Уставните амандамни ќе бидат усогласени со барањата на Венецијанската комисија

16.10.2014 15:26

По одржаните јавни расправи и добиените препораки од Венецијанската комисија, владата ќе ја изготви финалната верзија на уставните корекции. Кај дел од нив ќе се направи редефинирање...

Сите политички субјекти да се вклучат во дебатата за уставните измени – ова е ставот на Венецијанската комисија по однос на политичкиот момент во којшто се отвора највисокиот правен акт во државата, информираше министерот за правда, кој уште еднаш повтори дека мнозинството има доволен број на гласови за да се изгласаат уставните амандмани.

„Венецијанската комисија ги повикува сите политички сили да започнат со конструктивен дијалог и соработка за понатамошно разгледување на измените. Венецијанската комисија не повикува на запирање, на неподготвување на уставните амандмани“, рече Аднан Јашари, министер за правда.

По одржаните јавни расправи и добиените препораки од Венецијанската комисија, владата ќе ја изготви финалната верзија на уставните корекции. Кај дел од нив ќе се направи редефинирање. Со уставниот амандман само бракот ќе биде дефиниран како заедница меѓу еден маж и една жена, а вонбрачната заедница ќе биде регулирана со закони за коишто ќе  треба да се обезбеди двотретинска поддршка во Собранието. Ќе се создаде и уставна можност за основање на меѓународни финансиски зони. Отворањето и работењето на зоните, појасни заменик министерката Бришкоска, ќе биде регулирано со закони.

„Прописите коишто се однесуваат , односно коишто ќе се применуваат во зоната во делот на перењето на пари, затајувањето на данок, тероризмот, ќе бидат уредени согласно меѓународно ратифкуваните договори“, рече Биљана Бошкоска Бришковска, заменик министер за правда.

Позитивна оценката, од Венецијанската комисија за престанокот на членство по функција во Судскиот совет на министерот за правда и првиот човек на Врховниот суд. Во амандманот, како што изјави Јашари, ќе биде вградена и сугестијата членовите во Судскиот совет што ги предлагаат претседателот на државата и Собранието да не бидат од редовите на активните судии. За воведувањето на институтот  уставна тужба чијашто примена ќе биде одложна за најмалку една година, поради, сложениот процес на инплементација, прифатена сугестијата на Венецијанската комисија постапката пред Уставниот суд да биде уредена со соодветен закон.

Предлог амандманите, владата треба да ги достави во Собранието, кое што треба да обезбеди 82 гласа за измени на уставот.

Виолета Димовска