Светски ден на гладта: Македонците најмногу фрлаат леб и готвена храна
Оние што не почувстувале глад, немаат почит кон храната.

Македонците најмногу фрлаат леб и готвена храна. Повеќе од 5 000 тони храна фрламе годишно. Прехранбените продукти наместо да се чуваат во фрижидерот дома или на рафтовите во маркетите да им помине рокот, да се донираат во банката за храна или во некоја од четириесете народни кујни.
За разлика од младите, повозрасните имаат сосема поинаков однос кон храната.
„Нашите родители велат, немој да го превртуваш лепчето, немој да го фрлаш на земја, а така велат зашто знаат што е глад. Не знам колку сме успеале да им го пренесеме тоа на нашите деца и на нашите внуци дека лепчето треба да се чува. Може еден плус е кога ужинката ја става во чанта, не ја фрла, тоа е добро, бидејќи е грев, има многу гладни“, вели Лилјана Ефтимовска.
„Во нашето семејство не се фрла храна, а леб ни случајно“, вели Никола Десовски.
„Јас не флам храна, и сув леб да имам, си правам попара“, рече Доца Мицева.
Парче леб и чинија топол оброк во нардоната кујна, за некои е единствената поткрепа да се истурка денот. На гладните и Црвениот крст им излегува во пресрет.
„Во просек 15 луѓе дневно добиваат помош од Црвениот крст на Град Скопје. Во нашата база на податоци годинава има 650 лица, тоа покажува колку на луѓето им треба поддршка во тешките моменти во животот“, рече Марина Матеска од Црвениот крст.
Веќе неколку години Банката за храна во Македонија вложува напори ранливите категории граѓани да добијат храна, но системот се уште се развива. За добрата практика на банката за храна пример се Хрватите. Тие за две години собрале 150 тони храна, и со неа нахраниле 10.000 гладни.
Наташа Јанчиќ
