Крушево

Седум плутони во знак на седумте тажни години без Тоше Проески

16.10.2014 16:36

Од Фондацијата „Тоше Проески“ пак најавија наскоро издавање на нови негови песни...

Со почесна стрелба од 7 плотуни, колку што поминаа години од смртта на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески, денеска во Крушево беа пречекани маратонците кои поминаа над 1.000 километри за само 78 часа, во негова чест. 20-тината маратонци кои трчаа од Нова Градишка до неговото вечно почивалиште велат дека предизвикот бил тежок секогаш ги водела мислата за ликот и делото на нашиот ангел.

„И иако трчаме повеќе од 1.000 километри, сето ова го правиме со една леснотија затоа што постојано мислите и чувствата ни се со Тоше“, рече Александар Кирковски, маратонец.

„Тоше беше ѕвезда на земјата, а сега е ѕвезда на неботот“, истакна Наум Капричевски, маратонец.

Од Фондацијата „Тоше Проески“ пак најавија наскоро издавање на нови негови песни.

„Во фаза на подготовки се неколку негови песни кои беа пронајдени во студиото на продуцентот Енди рајт во Англија, очекуваме во наредниот период, за неговиот роденден на 25 јануари, тие да го видат светлото на денот“, изјави Андреј Николоски, Претседател на фондацијата „Тоше проески“.

Стотици фанови од сите бивши ЈУ простори и Македонија денеска дојдоа да се поклонат на неговиот гроб.

„Тоше беше единствен, хуман, им помагаше на сите и ги сакаше сите, таков човек нема повеќе да се роди, не само во Македонија туку и во сите ЈУ простори, тој беше со еден збор ангел“, рекоа фановите кои денеска го посетија неговиот гроб.

Во неговата Спомен куќа учениците од Крушево организираа цртање на предметите изложени во музејот.

Стотиците фанови на Тоше кои денеска дојдоа во Крушево имаа можност бесплатно да ја посетат неговата Спомен куќа, музејот кој според посетеноста ги руши сите рекорди на Балканот.

„За 3,5 години колку што е отворена Куќата неа ја имаат посетено над 200.000 посетители од целиот свет“, рече Бети Талеска, раководител на Спомен куќата.

Од семејството истакнаа само дека сакаат што е можно побрзо да се изгради неговиот гроб, според планот кој веќе е усвоен.

Дарко Штарговски