Јубилејното издание на „Фолк фест Валандово“ во нова и современа сала
Реконструираната сала, во која вечерва ќе започне годинашното издание на „Фолк фест Валандово“ ќе значи збогатување на културната понуда и туристичка промоција на општината...

Валандово доби нова реконструирана сала во која вечерва ќе се почне јубилејното 30-то издание на Фестивалот на народна музика Фолк Фест. Летната сцена на Домот на културата доби нов лик, со современа мобилна светлосна и аудио опрема, како и целосно опремување на ентериерот, но и надворешноста на објектот.
„Верувам дека ќе ја зголемат културната понуда на Валандово, туристичката промоција на градот“, рече Елизабета Канческа Милеска, министер за култура.
„Започнавме од кино сала, на летна сцена и да добиеме велелепна, современа, светска сала“, вели Николче Чурлиноски, градоначалник на Валандово.
Во духот на големиот фестивалски јубилеј, организаторите ја промовираа и монографијата на 30 години Фолк Фест, како и аудио цд со најголемите валандовски фолк хитови.„Има една аксиома, која вели се случило тоа што е запишано или не се случило тоа што не е запишано, ни го запишавме она што се случило и го оставивме како документ од трајна вредност“, рече Мирчо Карамучев, автор на монографијата „Фолк фест Валандово“.
Организаторите очекуваат очекува од храмот на македонската народна музика да се испишат нови страни во музичката историја.
„Се надевам дека во духот на времето ќе имаме уште подобри македонски песни“, рече Младен Костадинов, директор на Фолк Фест Валандово.
„Имаме првпат можност да уживаме комплетно во живо во реализација на сите 33 песни коишто ќе бидат дел од јубилејното идание“, рече Орце Гелевски, уметнички директор на Фолк Фест Валандово.
Македонската радио телевизија ќе врши директтен пренос од сите три фестивалски вечери, а изведувачите ќе ги придружува оркестарот на МРТВ. Публиката на финалната вечер ќе добие и аудио цд со нумерите од 30-тото фестивалско издание.
Катерина Давчева
