Маглата и смогот ја наполнија Клиниката за пулмологија

16.10.2014 16:53

Нивото на загадување е над дозволеното. Последните мерења на загаденост покажуваат дека загрижувачка е состојбата во Центар, Карпош и Гази Баба. Најкритично е во скопско Лисиче, таму изминативе два дена биле измерени над 400 микрограми ситни честички на метар кубен воздух, што се десет пати над дозволеното...

Променливото време, маглата помешана со смог и отровните честички, ја преполни Клиниката за пулмологија. Се бара кревет повеќе. Од ваквото време најмногу страдаат хронично болните од белодробни заболувања. Велат тешко се дише.

„Имам проблем кога има магла. Со лекарства, со терапија се справувам затоа и сум дојден тука. Тешко дишам, замор чуствувам.“

„Со кола од битола одам се беше таму добро, тука така малку е загадено, но немам проблем.“

„Од времето осеќам болки“, велат анкетираните граѓани.

На пулмологија дневно има и по 100-тина амбулантски прегледи. Зголемен е бројот на пациенти со акутни воспаленија на белите дробови, астма и хронична белодробна болест.

„Овие акутни инфекции ги компромитираат секојдневните активности, ги потенцираат тегобите итн. Тоа е поврзано и со животната средина како и на секаде низ светот таа има одраз врз здравствениот статус и состојба на болните“, вели проф. д-р Ангелко Ѓорчев, пулмолог.

И оваа грејна сезона не започна ништо поразлично од лани. Нивото на загадување е над дозволеното. Последните мерења на загаденост покажуваат дека загрижувачка е состојбата во Центар, Карпош и Гази Баба. Најкритично е во скопско Лисиче, таму изминативе два дена биле измерени над 400 микрограми ситни честички на метар кубен воздух, што се десет пати над дозволеното. Голема загаденост има во Тетово, Битола, Кичево.

Во вакви ситуации останува да ги слушаме препораките на лекарите. Хронични болните да избегнуваат прошетки на отворено и да ја земаат потребната терапија.

Андријана Атанасовска