Промовиран Советот за етика на медиумите во Македонија

16.10.2014 18:17

Медиумска саморегулација треба да овозможи Советот за етика на медиумите во Македонија -СЕММ, кој денеска беше промовиран во Скопје.

Медиумска саморегулација треба да овозможи Советот за етика на медиумите во Македонија -СЕММ, кој денеска беше промовиран во Скопје.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав истакна дека во најновиот Извештај на ЕК за земјата во сферата на медиумите се оценува дека состојбата продолжува да биде проблематична наспроти воведувањето на сеопфатни закони за медиумите во 2013 година и оти постои ургентна потреба за осврт на овие предизвици. Тој при тоа изрази надеж дека Владата и новинарите ќе продолжат со дијалог, ќе продолжи реформската агенда во медиумите, а СЕММ како семорегулаторно тело ќе придонесе за тоа.  

„Почнувањето со работа на ова тело ќе резултира со подобра заштита на слободата на изразување во медиумите и преку спроведување на стандарди ќе придонесе кон висококвалитетна јавна дебата за главните прашања во јавноста меѓу кои се вбројува и пристапувањето кон ЕУ“, рече амбасадорот Орав.

Мирче Адамчевски, кој е претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, истакна дека по донесувањето на Законот со кој се декриминализираше клеветата, саморегулацијата е вториот голем успех во областа на медиумите и е резултат на ангажманот на новинарите.

„Сега останува да се работи на стекнување доверба кај граѓаните, кај основачите на Советот и уште поважно таа доверба да се сочува. Би порачал на оние медиуми кои не се членки на Советот да станат дел од приказната за доброто на публиката, новинарите, и не помалку на сопствениците на медиумите. Неговите врати се отворени за сите оние кои сметаат дека етиката и професионалноста треба да бидат пред и над се во нивната работа“, рече Адамчевски на промоцијата која се случи спроти отпочнувањето на меѓународната конференција „Медиумите во Југоисточна Европа-Недоволно или премногу информации“ што во организација на Медиумската организација на ЈИЕ (SEEMO), Централно-европската иницијатива и Фондацијата „Конрад Аденауер, денеска во Скопје.

Советот за етика во медиумите се формира на крајот од 2013 година. Ова независно тело на почетокот ќе се финансира со помош обезбедена од странски донатори. Негов најважен орган е Комисијата за жалби која ќе одлучува по претставки на јавноста за текстови и прилози напишани надвор од новинарските стандарди. Граѓаните ќе можат своите претставки да ги праќаат на е-маил адресата на Комисијата.