Нови работни места во текстилната индустрија во Прилеп
Текстилната индустрија во Прилеп ќе отвори нови погони и работни места и бара стручен кадар. Министерството за труд и социјална политика ќе го зголеми обемот на обуките, а владините мерки со грантови за самовработување –успешни.

Со преку 3000 вработени текстилната индустрија во прилепското стопанство е со најголема перспектива и со тенденција да креира нови работни места, констатираат од секторот на оваа гранка при регионалната стопанска комора.
„Во индустриската зона има неколку текстилни компании купено плацеви со план за наредната година да се изградат објекти со што е предвидено и зголемување, ако не за 100 насто, но за 50 насто ќе биде зголемувањето“, вели Благоја Конески од секторот на текстилната индустрија.
Ќе нема зима за оваа индустрија доколку перманентно се обезбедува стручен кадар. Од Министерството за труд и социјална политика работат на обуките, а владините програми, пред се, грантовите за самовработување креираат во земјава преку 1000 мали компании годишно со стапка на одржливост од преку 70 насто.
„Самите обуки секогаш се во координација со министерството за образование, со Центарот за образование на возрасни, со Центарот за стручно образование. Имаме една таква мерка која се вика „за побарувани занимања“, таму ќе ги обучуваме во средните стручни школи. Мора да бидеме во соработка“, вели Горан Велевски, од министерство за труд и социјална политика.
Од Агенцијата за вработување задоволни од успешноста на владините мерки, најмногу во поттикот за започнување дсопствен бизнис.
„Досега со самовработување само со кредити имаме регистрирано 650 лица, од кои до 2011 година голем дел беа индивидуални земјоделци. Исто така, за програмата за самовработување само оваа година веќе сме во тек на потпишување 65 лица кои ќе започнат сопствен бизнис со програмата на неповратни средства“, вели Силвана Пашоска, раководител на Бирото за вработување во Прилеп.
Министерството за труд и социјална политика ќе работи на пронаоѓање приватни провајдери на обуки во неформалното образование.
Елизабета Митреска
